February 11, 2020
Натпреварот „Зелени идеи“ 2020 е отворен за аплицирање
На промотивниот настан кој се одржа на 11.02.2020 во Јавна соба-Скопје, АРНО соопшти дека од 11-ти февруари до 10-ти април граѓаните кои сметаат дека имаат идеја за зелен, одржлив бизнис можат да аплицираат на натпреварот „Зелени идеи“. На овој линк може да се погледне видеото од промотивниот настан.
„Ако нешто научивме периодов е дека ние имаме што да му покажеме на светот. Зелената приказна за дивата пчеларка Атиџе не’ прослави по светот, а ние, организирајќи го натпреваров секоја година сме се поубедени дека токму зелените бизниси можат да направат земјава да се конвертира во целосно зелена земја. Мед во мали стаклени теглички (не во пластично пакување) да стане сувенир на земјата, село Слоештица да биде домаќин на уште повеќе уметнички колонии, млади умови да измислуваат мобилни апликации за мотивација за одење пеш, еко-магионичар да едуцира деца низ цел Балкан… Сето ова е реалност, а тука е и натпреварот да помогне на оние кои имаат идеја и желба. Ги охрабруваме сите заинтересирани да аплицираат за некоја од работилниците, и да се пријават за поддршка“. – изјави Ирина Јаневска од АРНО.
Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се натпреваруваат на регионален натпревар. Четворицата победници на регионалниот натпревар добиваат по 10.000 или 5.000 долари за реализација на идејата во својата земја. Препознавајќи го потенцијалот и улогата на зелените бизниси во развојот на националната економија, Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) повторно ќе додели ваучер за ваучер за патување на дополнителен промотивен настан во странство на првопласираниот национален победник. Во духот на повеќегодишната соработка и поддршка на развојот на зелената и социјалната економија, трите национални победнички идеи и оваа година ќе добијат вредносни ваучери за консултантски услуги од Асоцијацијата за менаџмент и консалтинг „МКА2000“.