ЧПП

Ве молиме редовно обновувајте ја оваа страница (CTRL+ F5) за да се осигурате дека ја читате последната верзија. Поставувањето на прашања во врска со процесот на аплицирање е возможно до 30.04.2024

Што значи -Идејата е во рана фаза на развој-?
Идејата не треба да постои повеќе од 3 години. Намерите на натпреварот се да инвестира во нови идеи/пристапи, не во нешто што  постои повеќе од 3 години и можеби и не е најуспешно (од икс причини) или не му е потребна поддршка од нашиот натпревар (односно оваа поддршка повеќе би значела/би била добредојдена за посвежи/нови иницијативи/бизниси).

Дали во првиот дел (ако аплицираме како правно лице) треба да го претставиме тимот или активностите на правното лице? 
И двете:) Во тие прашања (Кратка биографија за носителот на идејата/правното лице (макс.200 зборови) и (За правни лица, Ве молиме одговорете на кратко на следните прашања(до 250 зборови) вие давате шанса жирито да ве запознае. Многу е важно да се види експертиза, мотивација, да се запознае одблиску правното лице (и сите негови зелени аспекти, доколку ги има, или потенцијал за конверзија и трансформација).

Дали ако сме регистрирани како не-профитна организација би можеле да аплицираме на овој натпревар (со цел да отвориме претпријатие подоцна).
Носителот на идејата треба да е и имплементатор подоцна. Во случај да тоа е невозможно (организацијата да биде имплементатор) и треба да се отвори нов ентитет, треба да аплицирате како физички лица.

Дали треба да поднесеме завршна сметка за непрофитната организација ако аплицираме под правно лице?
Да, за последните две години.

Дали е возможно да се наведат 2 физички лица како подносители на идејата?
Краткиот одговор е дека еден е носител на идејата-од технички аспект. Но, во делот на тим раскажете дека сте повеќе, објаснете кои сте, објаснете ја поврзаноста, проверете го делот со материјални и интелектурални права во однос на идејата (пример ако се аплицира со нечиј имот дали имате права, кој има сопственост, ако е оригинално дело кој е авторот и слично). Носителот на идејата е и контакт лице кое, доколку продолжите во финале или регионален натпревар ќе ја презентира идејата и понатаму ќе биде официјален потписник и имплементатор. АРНО го задржува правото да побара дополнителна документација и објаснување од подносителот на идејата во секоја фаза од натпреварот. Доколку се воспостави пречка или неправилност, АРНО го задржува правото на дисквалификација/прекин на договорот.

Што е проблемот со користење на необновливи ресурси доколку ги има во нашата земја во голема мера?
Проблемот е во тоа што натпреварот (овој конкретен натпревар) не поддржува експолатација на необновливи ресурси и промовира одговорна употреба и кон сите ресурси, навивајќи искрено и за принципите на циркуларната економија.
Пример, колку и да има руда (во нашата земја) и изобилство на одреден ресурс, тој во некое време ќе исчезне. Ние сметаме, воопшто за целата иднина на човештвото, дека не е подобно да се инвестира во бизниси кои експлоатираат необновливи ресурси и дека треба да се транзитира кон нова зелена економија. Нашиот натпревар „Зелени идеи“ ги рефлектира нашите заложби за таа транзиција.
Силно ве охрабруваме да се запознаете со дефинициите на зелената економија, да се едуцирате на темата и да размислите како со вашата зелена идеја можете да донесете бенефит за животната средина (правејќи профит и вклучувајќи ги локалните заедници притоа).

Еве краток извадок и од Википедија:
Актуелна тема во денешницата е обновливоста на ресурсите — дали се конечно исцрпливи или се надоместуваат (или постојно исти). Според ова, постојат:

  • обновливи ресурси— оние што се надоместуваат самите. Посебен случај се ресурсите што се постојано присутни и количински незасегнати (сонце, воздух и ветер). Обичните обновливи ресурси се надоместуваат бавно и постепено, што значи дека се во опасност да исчезнат поради прекумерна екплоатација, т.е. кога не се дава време за обнова.
  • необновливи ресурси— оние што не се повраќаат или се надоместуваат крајно бавно. Вакви се минералите и фосилните горива. Некои од нив можат да се пренаменуваат со рециклажа[2] (на пр. металите), додека пак други, како нафтата, се согорливи и исчезнуваат.[3]

 Какви идеи се подобни, имате ли примери? Какви идеи не се подобни?
Подолу наведуваме примери на досегашни апликанти, секако оваа листа не е исцрпна, слободно пребарајте онлајн содржини од натпреварот од минатите години, погледнете ја и регионалната веб страна. Важно е дека секоја идеја, покрај краткиот опис кој наведува за што станува збор, во себе ги содржи сите елементи важни за конкурсот (истовремено е нов бизнис кој прави добро за природата и луѓето, и во себе има некаков елемент на иновација)

?Еко/агри туризам (бавен туризам, работа на фарма како терапија за намалување стрес, тури за гледање птици),
?домашни производи (слатко од диви смокви, ориз произведен на одржлив начин), задругарство (ајде задруги),
?мобилни апликации (поени и награди за сите што одат пеш, IT иновации, смарт системи),
♻️рециклирање на пластика, од отпад до производ (циркуларна економија…од биомаса до пелетки, од комиње до прехрабен адитив),
?еко мебел (реупотребен, сламени душеци, еко перничиња), еко куќи (од слама, од рециклирани материјали),
☀️соларни решенија (сушара за овошје, еко бојлер)
?зелен маркетинг (садливи картички, настани со нула хартија, еко амбалажи),
?иновации (паметно наводнување, нова аквапоника, продажба на ласт минит храна, еко илузии)…

⚠️Teшко е да се одговори кои идеи не се подобни бидејќи треба убаво да се разгледаат сите аспекти (понекогаш има исклучоци), но еве да се обидеме: идеи кои користат неавтохтони и инванзивни сорти (не-локални билки, увозни семиња, животни…), генетски модифицирани организми (ГМО), идеи кои за да функционираат мора да користат во голема мера неодржлив превоз или не-еко достава (без разлика дали Карго ќе ги разнесува производите или вие самите ќе трошите средства за бензин, нафта, гас…), идеи во кои голем дел од буџетот се потпира на увоз (на суровина, машинерија, надворешна експертиза), експлоатација на ресурси (минерални суровини, копање од рудници, злато, сребро, железо, гипс… (освен ако не станува збор за отпад кој понатаму ќе се реупотребува), идеи кои во процесите јавуваат опасност за животната средина иако крајниот продукт е еколошки (Пр.отпадна вода во производство на сапун), идеи кои во буџетот имаат набавки на пластика за еднократна употреба (пр. продажба на сок направен од локална кајсија, во пластична чашка со пластична цевка), идеи кои експлоатираат луѓе (не-фер третман кон заедница, ниско платена работна сила), идеи кои промовираат монокултури ( една иста земјоделска култура повеќе години се одгледува на исто место, и на голема површина…видете пермакултурни принципи), идеи кои се однесуваат само на кревање свесност и притоа не немаат силен бизнис елемент и одржливост (емисии, мултимедијални проекти), идеи кои побаруваат средства за патентирање на одреден производ/услуга, идеи кои се однесуваат на пишување извештаи, научни трудови, препораки…

Во правила за натпреварот на вашата веб страна имате кажано дека со победниците на регионално/национално ниво ќе потпишете договор кај што би се утврдиле обврските на двете страни. Би ве замолил за кратко објаснување на тие обврски дали се работи за обврски од аспект на имплементација на решението или други правни обрски.
Договорот се однесува на имплементацијата на проектот (победничката зелена идеја) и во него се опишани обврските на двете страни: кога,како АРНО ќе ве исплаќа (три транши), кога ќе имате обврска да доставите извештај со какви придружни документи (договори, изводи, фискални сметки, фактури), прифатливи трошоци, користење на лого и сл. Договорот се однесува исклучиво на идејата и тоа што треба да се спроведе. Како анекси се јавуват и другите проектни документации како план за активности со временски распоред, детален буџет, наративна апликација и слично

Дали на натпреварот за зелени бизнис идеи може да аплицираат и индивидуалци?
Да, на натпреварот за зелени бизнис идеи може да аплицираат индивидуалци, социјални претприемачи, граѓански организации и мали приватни компании. Доколку носителот на зелената идеја е индивидуалец, и стане добитник на национална награда, нема обврска да регистира правен ентитет, но ќе потпише договор со АРНО во кој детално ќе се наведат начините и условите на користење на националната награда. Доколку носителот на зелената идеја е индивидуалец, и стане добитник на регионална награда, ќе треба да регистрира правен ентитет за да може да ја реализира својата зелена идеја.

Ние сме мала фирма, дали може да аплицираме на натпреварот?
Доколку носителот на зелената идеја е мала приватна компанија, истата не треба да има годишен профит поголем од 10.000 евра за да може да аплицира на натпреварот за зелени идеи.

Што се подразбира под поимот  зелени бизнис идеи?
„Зелени бизнис идеи“ се економски активности на правни субјекти коишто придонесуваат кон животната средина, користат ресурси од локалната заедница и придонесуваат кон одржлив развој, интеграција на локалните, економските, социјалните и еколошките потреби и приоритети на заедниците.

Дали нудите поддршка во развивање на апликацијата?
Во периодот што престои, АРНО ќе организира работилници на кои ќе можете да се пријавите за учество и да добиете насоки и знаења за развивање на апликацијата. На овие работилници, препорачливо е да дојдете со подготовки, со цел обучувачот да ви понуди експертиза за доработка на финансиите. Следете го делот на НОВОСТИ или следете ги нашите објави на социјалните мрежи за точните датуми и пријавите за работилниците.

Дали под зелени се подразбираат само еко-производи и идеи кои користат соларна енергија?
Не, зелените идеи не се ограничуваат на идеи кои користат соларна енергија и еко-производи. Зелената идеја може да биде најразлична, на пример зелената идеја може да биде некој технолошки изум, идеја за промовирање и користење на чистата енергија, еко-туризмот, идеја за отворање работни места преку разно разни иницијативи (тури со велосипеди, гледање птици, жени од рурални средини кои собираат и продаваат чаеви и сл.), до рециклиран накит, мебел од палети, еко-фарми и други. За повеќе примери погледнете го нашиот албум на FB. Ве охрабруваме да ги погледнете и следните мултимедијални материјали во делот ГАЛЕРИЈА или на YouTube каналот на АРНО (таму ќе најдете видео содржини од финалните настани, гостувања во емисии, видеа од минатогодишните победници, документарните видеа од регионалниот натпревар и сл.).

Што значи изјавата во формуларот „ Потврдувам дека како поднесувач на идејата ги имам сите интелектуални и материјални права за спроведување на идејата “
За да бидат подобни сите апликанти мора да потврдат дека ги исполнуваат критериумите за учество и да потпишат изјава дека како поднесувачи на идеи ги имаат сите индустриски и материјални права за да можат да ја спроведат идејата. Кога мислиме на права мислиме на интелектуална сопственост, материјална сопственост (Пр. аплицирате со личен имот кој нема законски предизвици, повеќе сопственици), релација на лицето кое аплицира со правното лице кое би било носител (пр. девојка аплицира во име на правен субјект на дечко/другар…) и други видови можни пречки. АРНО го задржува правото во секој момент да побара дополнителни извори и докази за право на спроведување на идејата.

  • Под материјални права се подразбираат:
    • Право на умножување на делото
    • Право на пуштање во промет на делото
    • Право на јавно соопштување на делото
    • Право на преработување на делото

Повеќе информации во: ЗАКОНОТ ЗА АВТОРСКОТО ПРАВО И СРОДНИТЕ ПРАВА.

  • Под индустриска сопственост се подразбира:
    • Подвижен имот (рачен часовник, автомобил, накит, пари)
    • Недвижен имот (земјиште, нива, куќа, деловен простор)
    • Интелектуален имот (пронајдоци, научни откритија, индустриски дизајн и слично)

Повеќе информации во: ЗАКОН ЗА ИНДУСТРИСКА СОПСТВЕНОСТ

Дали еден ист носител може да аплицира на натпреварот со повеќе зелени идеи?
Секој може да аплицира на натпреварот за зелени идеи со онолку зелени идеи колку што ги има. Еден индивидуалец/компанија/организација може да биде носител на повеќе зелени идеии, меѓутоа за секоја зелена идеjа треба да прати посебна апликација. Имајте на ум дека бројот на доставени апликации не влијае врз бодувањето на зелените идеи од страна на жирито.

Дали на регионалниот натпревар се наградуваат 3 идеи со по 10.000 долари или само најдобрата идеја од трите избрани на регионално ниво?
На регионалниот натпревар, „Форум за филантропија“ учествуваат по три победнички идеи од секоја од државите – учеснички на натпреварот. Во 2020-та година променети се условите за учество со воцедување на две категории за аплицирање: категорија за поддршка до 5000 усд и до категорија за поддршка до 10000 усд. Во зависност од номинациите  и бројот на учеснцички идеи по категорија ќе се одреди борјот на награди по категорија. Вкупната сума за наградени идеи на регионалниот натпревар останува 40 000 усд.[1]

[1] Организаторите го задржуваат правото на национално и регионално ниво да го променат фондот на наградите и категориите на избрани победнички идеи

Како да аплицирам на натпреварот за зелени бизнис идеи?
Прво, препорачуваме да се прочита делот НАТПРЕВАР за општи насоки и запознавање со фазите во кои се одвива натпреварот , понатаму во делот ПРАВИЛА се објаснети критериумите за вреднување на зелените идеи. Потоа посетете го делот АПЛИКАЦИЈА каде ќе ги најдете потребните формулари кои треба да ги испратите на arno.mkd@gmail.com најдоцна до 06-ти мај 23:59 часот. Во прилог на истата порака, доколку имате, може да доставите и дополнителни материјали за Вашата зелена идеја.

Дали Формуларите треба да ги пратам и по пошта?
НЕ, формуларите треба да ги пратите само по електронска пошта на arno.mkd@gmail.com.

Што треба да направам доколку сум еден од финалистите на националниот натпревар?
По известувањето за влез во финале, ќе треба да подготвите презентација за Вашата зелена идеја и да ја презентирате истата пред жири комисија. Образецот за презентацијата ќе биде доставен од страна на АРНО. За презентирањето на десетте финални зелени бизнис идеи ќе се организира јавен настан на крај на мај, 2024 год. во Скопје.

Што ако мојата зелена идеја е една од трите победнички идеи на националниот натпревар?
Доколку Вашата зелена идеја е една од трите победнички идеи, Вие како носител, ќе треба да учествувате во процесот на подготовка на презентација и промотивни материјали за Вашата зелена идеја на регионалниот натпревар. Исто така, во процесот на подготовки ќе треба да се одлучите за јазик на кој ќе ја презентирате Вашата идеја пред регионалното жири. Тимот на АРНО ќе ви обезбеди превод.

Која е наградата на националниот натпревар?
Oваа година, на трите национални победници АРНО ќе им додели промотивен пакет од еко садливи картички изработен од поранешен победник на натпреварот.

Што се случува на регионалниот натпревар?
На регионалниот натпревар сите зелени идеи од државите-учеснички се презентираат пред жирито кое понатаму ги бодува согласно критериумите.

Што се очекува од мене на регионалниот натпревар?
На регионалниот натпревар „Форум за филантропија“, од секој од учесниците натпреварувачи се очекува да бидат присутни за време на презентирање на сите победнички зелени идеи од регионот. (НОВО) Од 2021-ва програмата е проширена со дополнителни активности (Модули за надградба на знаења, вмрежување и слично) за кои победниците ќе бидат дополнитено информирани. Присуството на дополнителните активности е задолжително.

Каде ќе се одржи регионалниот натпревар за зелени бизнис идеи?
Планирано е регионалниот натпревар за зелени идеи „Форум на филантропија“ да се одржи септември/октомври во некоја од земјите учеснички, датумот и локацијата дополнително ќе бидат потврдени

Доколку победиме како може да ја искористиме наградата и кои се обврските?
Доколку победите на регионалниот натпревар, Вие ќе бидете наградени со 10.000 или 5.000 долари, во зависност од категоријата во која сте аплицирале.  Овие средства се исклучиво наменети за реализирање на Вашата зелена бизнис идеја и треба да се искористат во рок од една година.  Дополнително, во соработка со тимот на АРНО  ќе треба да развиете документ според кој ќе се утврдат процесите на реализација на идејата, детална финансиска рамка и начините според кои ќе се врши монторинг и имплементација на идејата. Победниците се обврзани да склучат договор со АРНО, во кој дополнително ќе се утврдат правата и обврските на договорните страни. Овде спаѓаат и редовни периодични, наративни и финансиски извештаи.
Доколку носителот на идејата е физичко лице, во рок од 30 дена по објавата на наградата, треба да регистрира правен субјект.

Каков вид на правен субјект треба да регистрираат физичките лица доколку победат на регионалниот натпревар?
Доколку аплицирате како физичко лице, а сте победник на регионалниот натпревар, потребно е да регистрирате правен субјект кој ќе одговара на потребите на вашиот зелен бизнис и ќе биде функционален за имплементација на идејата (фирма, граѓанска организација која може да врши економски активности- дополнително информирајте се за опсегот и изводливоста на оваа опција (во отсуство на законска рамка за социјално претприемништво), задруга и се што овозможува правната регулатива за вршење на претприемничка дејност. Изборот на правна форма е оставен на победникот.

Дали треба да отворам нова компанија доколку имам постоечка?
Можете да аплицирате со постоечка компанија, но имајте предвид:
-Доколку аплицирате со постоечка компанија треба да приложите документ преку кој се докажува дека нето добивката/профитот за претходната година не е поголем од 10 000 евра.
-Имајте предвид и дека дејноста на постоечката компанија, вредностите и визијата треба да се складни со идејата со која аплицирате, не само од правна гледна точка за вршење на дејност туку и од аспект на вредности. Пр. Не би било логично (и прифатливо) мал бутик кој препродава увозна fast fashion облека (и планира и понатаму да се занимава со препродажба) да аплицира со идеја за продажба на реупотребена облека. Иако повторната употреба на облека, дизајнерски колекции на рециклирана облека и сл., имаат силна зелена димензија, доколку овој субјект планира понатаму да продолжи да функционира со препродажба на увозна облека не би било логично да аплицира како носител на идејата поради контрадикторност на вредностите. Секако, оваа идеја (ова сфатете го како наш обид за пример) би била прифатлива за натпреварот, но носителот, би било логично, да не е тоа правно лице.

Што е со ангажманот на лица/деца од улица, корисници на социјална помош, како законски да се вклопат во бизнис планот?
Запознаеме сме со општествениот контекст и свесни сме за предизвиците во делот на претприемничко работење со дел од ранливите групи. Наведете ги предизвиците во апликацијата за да се препознае локалниот импакт, вклучувањето на заедниците. Наведете ги финансиските проекции за вклучувањето на овие лица, бенефитите од вашиот зелен бизнис кој овие лица би ги имале. Во делот на законско работење, секако, во делот на имплементација, зелените бизнис имаат обврска да работат според утврдените начела и прописи, и свесни сме дека со слични предизвици се соочуваат многу (социјални)претпријатија. Од она што ние го имаме како информација, преку блиски консултации, размена на добри практики, но и заедничко лобирање до институциите овие аспекти се надминуваат и ве охрабруваме да се вмрежите и доистражите (уште во фаза на аплицирање) за можни законски решенија.

Кој гарантира дека идејата ќе остане само кај комисијата и кај АРНО, бидејќи често пати таа вреди многу повеќе од наградата?
Натпреварите за бизнис идеи се организираат со намера што повеќе луѓе и потенцијални поддржувачи да слушнат за вашата идеја и да добиете поддршка и промоција. Жири комисијата за нашиот натпревар е составена најмногу од претставници кои доаѓаат од донаторски агенции кои работат во сродни области и програми кои поддржуваат и кои понатаму би поддржале зелени бизниси.  Но, доколку сметате дека вашата идеја е оригинална и се плашите дека со нејзината промоција можете да си наштетите, слободно информирајте се како можете да ја заштитите идејата/продуктот (индустриска сопственост, интелектуална сопственост), заштитете ја -и аплицирајте.

Бизнис планот на фирмата што аплицира можеби не се совпаѓа со идејата – со каков бизнис план да аплицираме?
Фирмата има едни/заеднички финансии, при што зелената бизнис идеја би била само надополнување на постоечкиот бизнис, така, логично е, сите финансиски информации да се интегрирани во бизнис планот. Доколку аплицирате со постоечка фирма, наведете ги во финансискиот формулар сите релевантни информации за постоечкиот бизнис . На пример, киријата која веќе се плаќа од фирмата е секако трошок, трошок кој доколку не се покрива од наградата треба да се наведе дека е од други средства (сопствени средства, можеби од друг донатор и сл.). Со тоа што, секако во делот на буџет е видливо, колку средства се потребни и за што ќе се искористат во насока на остварување на зелената идеа.  Во делот на клучни индикатори треба да се видливи проекциите за продажба на вашите услуги/производи од зелената идеја.

Она што е важно да се нагласи е дека кога/доколку би ги добиле средствата од наградата потребно е да отворите посебна сметка  – подсметка, која ќе биде користена исклучиво за активностите/наменски буџетски линии од зелената бизнис идеа. Доколку сте навеле во буџетот дека сметководствените услуги се веќе покриени од постоечката фирма, тогаш не е дозволено исплаќање на средства по тој основ.

Во делот на сопствено учество можете да наведете дали тоа се однесува на пари или во вид на имот (недвижен и движен) или права (лиценци, франшиза, софтвер, заштитено име и слично)

Што е со НВО која работи како непрофитна?
Информирајте се дополнително за законските можности, вршење на економски активности како граѓанска организација. Оваа пракса е често присутна и охрабрувана (во отсуство на законска регулатива за социјално претприемништво), меѓутоа консултирајте се за можностите и недостатоците. Како граѓанска организација имате можност преку економска активност да генерирате профит, кој потоа мора да се искористи во целост за мисијата (зелената бизнис идеја)- да се реинвестира во наменски средства (не постои можност за повлекување дивиденда). Дополнително, овој профит остварен од комерцијални активности е подложен на оданочување, имајте го ова предвид во финансиските проекции.

Дали може да се покрие кирија со дел од средствата од грантот?
Да, може да се покрие кирија со средствата од грантот, и не постои никакво ограничување во однос на буџетирањето. Не постојат донаторски правила за процентуален праг за средства наменети за вработени, директни, индиректни трошоци и сл. Слободно приложете буџет во кој ги наведувате буџетските ставки кои ви се потребни за да вистински функционира вашата зелена бизнис идеја. * Внимавајте, финансиската слика треба да ја отсликува и зелената димензија (месечен трошок за бензин/набавка на пластични чаши за еднократна употреба може да е сигнал до жирито дека не ја разбирате суштината на зелените бизниси)

Кој треба да ја презентира идејата пред жири-комисијата, дали тоа може да го стори овластено лице во име на носителот на идејата?
Презентацијата на идејата пред жири комисијата може да ја прави лице од тимот, по ваш избор. Препорачуваме тоа да е лицето кое најмногу ја познава и „живее“ идејата.

Во почетокот, заради спецификата на он-лајн бизнисот, нема да имаме можност да исплаќаме плати. Може ли тоа да се опише во финансискиот план?
Секако, бидете искрени! Можеби, како совет, наведете го ова и во наративниот формулар, бидејќи секако жирито би се прашало која е мотивацијата и обврската/подготвеноста на тимот да гради бизнис кој во првата година бара про-боно ангажман.

Како се пресметуваат приходите кога веќе имаме регистрирана и функционална компанија т.е. кога зелениот бизнис ќе го вклопиме во рамките на веќе постоечката компанија?
Прикажете ги одделно, или интегрирано (во зависност од обемот на услуги/производи) проекциите и за постоечката фирма и за зелената бизнис идеја. Жирито мора да ја види поврзаноста, и во случајот на постоечката фирма да ја види и финансиската проекција за правниот субјект кој е носител.

Пишува дека годишниот профит не смее да надминува 10 000 евра. Дали се мисли на добивка или на промет, и за колку години назад? И дали истите услови важат без оглед дали станува збор за НВО, компанија или физичко лице?
Профитот се однесува на нето добивката. Прагот од 10 000 евра ќе се гледа во билансот на успех (во ставката Нето добивка на дното на извештајот – годишна сметка) кој треба да го доставите доколку аплицирате како фирма. Идејата на конкурсот е да се поддржат мали компании и нови идеи/идеи во рана фаза на развој, па доколку станува збор за голема компанија која само последната година има остварено помала добивка, жирито веројатно тоа ќе го препознае и/или ќе постави дополнително барање за појаснување.

Доколку аплицирате како граѓанска организација, повторно, профитот=нето добивка не смее да биде поголем од 10 000 евра (граѓанските организации иако се непрофитни можат да вршат економски активности со понатамошна обврска тие средства да се реинвестираат во мисијата, тоа е профитот од економски активности кој не смее да биде поголем од 10 000 евра). Поради различните сметководствени пристапи во изработувањето на завршните сметки можно е да побараме дообјаснување, па дополнително ќе ве контактираме доколку аплицирате како НВО.

И една мала напомена, доколку аплицирате преку граѓанска организација, важно е мисијата на организацијата да е сродна со зелената бизнис идеја, и понатаму, доколку победите, да можете непречено да вршите претприемнички дејности (дополнително информирајте се за предностите/недостатоците на ова работење, на една од обуките имавме слично прашање (во отсуство и на законска рамка за социјално претприемништво), на пример и граѓанските организации кои вршат економски активности се обврзани да платат данок на добивка на средствата генерирани преку продажба).

Доколку аплицирате како физичко лице, треба само да обележите дека сте согласни да регистрирате правен субјект, нема потреба од приложување на документ (секако, во финансискиот план слободно наведете ги сопствените средства кои сакате/планирате да ги инвестирате)