April 6, 2021

?НАТПРЕВАРОТ „ЗЕЛЕНИ ИДЕИ 2021“ Е ОТВОРЕН ЗА АПЛИЦИРАЊЕ?

На онлајн настанот на 06-ти април, АРНО го одбележа официјалниот почеток на натпреварот за зелени идеи и ги повика граѓаните кои сметаат дека имаат идеја за зелен, одржлив бизнис да аплицираат до 12-ти мај. 

На настанот се споделија информации за условите, критериумите за аплицирање, процесот на аплицирање, и преку еко-магијата на магионичарот Кристиан Шопов се охрабрија сите кои имаат зелена идеја да поднесат апликација. Дополнително, се повикаа заинтересираните апликанти да се пријават на работилниците за да добијат помош и менторство во пополнувањето на формуларите.

На настанот учествуваа претставници од „Фондот за иновации и технолошки развој“ и од здружението „Македонија 2025“ кои зборуваа за важноста на поддржувањето на развојот на зелената и  социјалната економија. Претставникот од Асоцијацијата за менаџмент и консалтинг „МКА2000“ ја поздрави долгорочната соработка со АРНО и ги најави наградите за тројцата национални победници- вредносни ваучери за консултантски услуги од МКА2000.

Минатогодишната регионална победничка Софија Дацева- WISE Group сподели новости за прогресот на нејзината идеја –преработка на вински отпад- комиње до прехранбен адитив. Софија зборуваше за патот на основање на бизнис кој функционира на принципите на циркуларната економија и желбата и потенцијалот на младите луѓе своите прогресивни идеи да ги реализираат и дома.

„Немаме што да кажеме многу паметно во пандемија во која се губат работни места, човечки животи. Ние само може гласно да си потврдиме дека иднината на економијата ја гледаме во социјалното и зеленото претприемништво, во бизнис моделите во кои јасно се гледа грижа за луѓето и искрен однос кон животната средина. Нашите граѓани имаат капацитет да бидат и искрени и иновативни, тоа го гледаме преку освојување на регионалните награди секоја година. Ние сакаме во периодов што е тежок и неизвесен да им понудиме на граѓаните предизвик да размислуваат за зелени бизниси, а сакаме и да понудиме и поддршка на домашната зелена економија.“  – изјави Ирина Јаневска од АРНО.

„Зелени идеи“ е годишен натпревар кој поддржува  развој на мали, локални одржливи бизнис идеи во земјите од Западен Балкан и Грција. Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се натпреваруваат на регионален натпревар. Четворицата претставници кои ќе победат на регионалниот натпревар добиваат по 10.000 или 5.000 долари за реализација на идејата во својата земја.

И оваа година, АРНО ќе додели 1000 долари за бизнис концептот и по 2000 долари за бизнис идеите кои ќе бидат избрани во финалето како три македонски победнички идеи.