March 21, 2023
Зелени идеи 2023- Промоција на натпреварот и работилница за design thinking
Со пролетта доаѓа и нашиот натпревар за #зелениидеи, и време е за будење на креативната и бизнис енергија. На 28-ми март, од 14ч до 17ч во Europe House Скопје, АРНО организира настан со кој ќе го отвори годишниот натпревар за зелени идеи и мини работилница преку која присутните ќе можат да искусат техника за дизајнерско размислување.
Пријавувањето е отворено за сите (нема ограничување во возрасти и региони). За да се пријавите се што треба е да го пополните овој формулар најдоцна до 26.03 (23:59). Избраните учесниците ќе добијат потврда на e-mail најдоцна до 27.03.
Главната цел на настанот е да се подигне свеста за важноста на зелената и социјалната економија и да се поттикнат граѓаните, организациите и малите и средните претпријатија да генерираат бизнис идеи кои имаат позитивно општествено и еколошко влијание. На настанот ќе зборуваме и за успешни приказни и идеи кои потекнуваат од регионалните програми, кои АРНО, веќе и со години, ги спроведува на национално ниво (RISE и Balkan Green Ideas). И кај нас можеме 🙂 докажано!
Агенда на настанот:
- Прв дел= Што е #Зелени идеи? Вовед во зелена социјална економија, претставување на натпреварот, презентирање на апликацијата, прашања и одговори
- Втор дел= Дизајнираме значи рабираме: Вовед во дизајнерско размислување, вежби за креативност (прототипирање на паричник)
На оние кои прв пат се среќаваат со нашите програми и пристапи еве краток опис:
- Зелени идеи е годишен натпревар кој поддржува развој на мали, локални, зелени бизнис идеи. Освен во нашата земја натпреварот се одржува и во Албанија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија и Грција.Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се натпреваруваат на регионален натпревар. Четворицата претставници кои ќе победат на регионалниот натпревар добиваат по 10.000 или 5.000 долари за реализација на идејата во својата земја. АРНО го администрира натпреварот на национално ниво 9 години по ред, и е многу гордо што секоја година имаме регионални победници.
- Design Thinking е пристап користен од страна на креативците низ цел свет, преку кој се решаваат комплексни задачи за да се стигне до иновативно решение. Design Thinking помага практично секој да се прилагоди на неизвесните услови, и да се стави во „чевлите на другите“ за појасно да ги разбере и сочувствува нивните предизвици/потреби, и понуди најквалитетни и најефикасни решенија за проблемите. Можеби вака звучи многу теоретски, но дизајнерско размислување значи да се направи нешто што некому ќе е корисно и практично (пр. каква четкичка за заби би му требала на модерен млад човек кој патува често (со полнач за батерија, со аларм, лесна за пакување). Многу често АРНО сведочи како носителите на идеите се „вљубуваат“ во своите идеи, пред воопшто да ги испитаат со потенцијалните кориснiци и потоа тешко ги прилагодуваат за пазар (Пр. Дали сировите намази со 3 дена рок имаат целна публика која ќе ги подигнува сама од локација близу Скопје). Токму затоа сакаме да претставиме алатки со кои секој што размислува за нудење производ/услуга ќе има шанси да се запознае со фазите на дизајнерското размислување.