ЧПП

Дали на натпреварот за зелени бизнис идеи може да аплицираат и индивидуалци?
Да, на натпреварот за зелени бизнис идеи може да аплицираат индивидуалци, социјални претприемачи, граѓански организации и мали приватни компании. Доколку носителот на зелената идеја е индивидуалец, и стане добитник на награда, ќе треба да регистрира правен ентитет за да може да ја реализира својата зелена идеја.

Ние сме мала фирма, дали може да аплицираме на натпреварот?
Доколку носителот на зелената идеја е мала приватна компанија, истата не треба да има годишен профит поголем од 10.000 евра за да може да аплицира на натпреварот за зелени идеи.

Што се подразбира под поимот  зелени бизнис идеи?
„Зелени бизнис идеи“ се економски активности на правни субјекти коишто придонесуваат кон животната средина, користат ресурси од локалната заедница и придонесуваат кон одржлив развој, интеграција на локалните, економските, социјалните и еколошките потреби и приоритети на заедниците.

Дали нудите поддршка во развивање на финансикиот дел од апликацијата?
Во периодот што престои (до крај на мај), АРНО ќе организира работилници на кои ќе можете да се пријавите за учество и да добиете насоки и знаења за развивање на финансискиот дел на апликацијата. На овие работилници, препорачливо е да дојдете со подготовки, со цел обучувачот да ви понуди експертиза за доработка на финансиите. 

Дали под зелени се подразбираат само еко-производи и идеи кои користат соларна енергија?
Не, зелените идеи не се ограничуваат на идеи кои користат соларна енергија и еко-производи. Зелената идеја може да биде најразлична, на пример зелената идеја може да биде некој технолошки изум, идеја за промовирање и користење на чистата енергија, еко-туризамот, идеја за отворање работни места преку разно разни иницијативи (тури со велосипеди, гледање птици, жени од рурални средини кои собираат и продаваат чаеви и сл.), до рециклиран накит, мебел од палети, еко-фарми и други. За повеќе примери погледнете го нашиот албум на FB. Ве охрабруваме да ги погледнете и следните мултимедијални материјали во делот ГАЛЕРИЈА или на YouTube каналот на АРНО (таму ќе најдете видео содржини од финалните настани, гостувања во емисии, видеа од минатогодишните победници, документарните видеа од регионалниот натпревар и сл.).

Дали еден ист носител може да аплицира на натпреварот со повеќе зелени идеи?
Секој може да аплицира на натпреварот за зелени идеи со онолку зелени идеи колку што ги има. Еден индивидуалец/компанија може да биде носител на повеќе зелени идеии, меѓутоа за секоја зелена идеjа треба да прати посебна апликација. Имајте на ум дека бројот на доставени апликации не влијае врз бодувањето на зелените идеи од страна на жирито.

Дали на регионалниот натпревар се наградуваат идеи со по 10.000 долари или само најдобрата идеја од трите избрани на регионално ниво?
На регионалниот натпревар, „Форум за филантропија“ учествуваат по три победнички идеи од секоја од државите – учеснички на натпреварот. Од сите 21 зелени бизнис идеи ќе се одберат најдобрите четири и секоја од нив ќе биде наградена со по 10.000 долари наменети за реализација на идејата.

Како да аплицирам на натпреварот за зелени бизнис идеи?
Прво, препорачуваме да се прочита делот НАТПРЕВАР за општи насоки и запознавање со фазите во кои се одвива натпреварот , понатаму во делот ПРАВИЛА се објаснети критериумите за вреднување на зелените идеи. Потоа посетете го делот АПЛИКАЦИЈА каде ќе ги најдете потребните формулари кои треба да ги испратите на arno.mkd@gmail.com најдоцна до 2-ри јуни, 23:59 часот. Во прилог на истата порака, доколку имате, може да доставите и дополнителни материјали за Вашата зелена идеја.

Дали Формуларите треба да ги пратам и по пошта?
НЕ, формуларите треба да ги пратите само по електронска пошта на arno.mkd@gmail.com.

Што треба да направам доколку сум еден од финалистите на националниот натпревар?
По известувањето за влез во финале, ќе треба да подготвите презентација за Вашата зелена идеја и да ја презентирате истата пред жири комисија. Образецот за презентацијата ќе биде доставен од страна на АРНО. За презентирањето на десетте финални зелени бизнис идеи ќе се организира јавен настан во средината на месец јуни, 2019 год. во Скопје.

Што ако мојата зелена идеја е една од трите победнички идеи на националниот натпревар?
Доколку Вашата зелена идеја е една од трите победнички идеи, Вие како носител, заедно со тимот на АРНО и тимот на МКА2000, ќе треба да учествувате во процесот на подготовка на презентација и промотивни материјали за Вашата зелена идеја на регионалниот натпревар. Исто така, во процесот на подготовки ќе треба да се одлучите за јазик на кој ќе ја презентирате Вашата идеја пред регионалното жири. Тимот на АРНО ќе ви обезбеди превод.

Што се случува на регионалниот натпревар?
На регионалниот натпревар сите  зелени идеи од државите-учеснички се презентираат пред жирито кое понатаму ги бодува согласно критериумите.

Што се очекува од мене на регионалниот натпревар?
На регионалниот натпревар „Форум за филантропија“, од секој од учесниците натпреварувачи се очекува да бидат присутни за време на презентирање на сите победнички зелени идеи од регионот.

Каде ќе се одржи регионалниот натпревар за зелени бизнис идеи?
Годинава, регионалниот натпревар за зелени идеи „Форум на филантропија“ ќе се одржи во Албанија од 9 до 12 јули, 2019 год.

Доколку победиме како може да ја искористиме наградата и кои се обврските?
Доколку победите на регионалниот натпревар, Вие ќе бидете наградени со 10.000 долари. Овие средства се исклучиво наменети за реализирање на Вашата зелена бизнис идеја и треба да се искористат во рок од една година.  Дополнително, во соработка со тимот на АРНО  ќе треба да развиете документ според кој ќе се утврдат процесите на реализација на идејата, детална финансиска рамка и начините според кои ќе се врши монторинг и имплементација на идејата. Победниците се обврзани да склучат договор со АРНО, во кој дополнително ќе се утврдат правата и обврските на договорните страни. Овде спаѓаат и редовни периодични, наративни и финансиски извештаи.
Доколку носителот на идејата е физичко лице, во рок од 30 дена по објавата на наградата, треба да регистрира правен субјект.

***НОВИ ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ (ОД ОБУКИТЕ И ОД ПРАШАЊА НА МЕЈЛ)***

Каков вид на правен субјект треба да регистрираат физичките лица доколку победат на регионалниот натпревар?
Доколку аплицирате како физичко лице, а сте победник на регионалниот натпревар, потребно е да регистрирате правен субјект кој ќе одговара на потребите на вашиот зелен бизнис и ќе биде функционален за имплементација на идејата (фирма, граѓанска организација која може да врши економски активности- дополнително информирајте се за опсегот и изводливоста на оваа опција (во отсуство на законска рамка за социјално претприемништво), задруга и се што овозможува правната регулатива за вршење на претприемничка дејност. Изборот на правна форма е оставен на победникот.

Дали треба да отворам нова компанија доколку имам постоечка?
Можете да аплицирате со постоечка компанија, но имајте предвид:
-Доколку аплицирате со постоечка компанија треба да приложите документ преку кој се докажува дека нето добивката/профитот за претходната година не е поголем од 10 000 евра.
-Имајте предвид и дека дејноста на постоечката компанија, вредностите и визијата треба да се складни со идејата со која аплицирате, не само од правна гледна точка за вршење на дејност туку и од аспект на вредности. Пр. Не би било логично (и прифатливо) мал бутик кој препродава увозна fast fashion облека (и планира и понатаму да се занимава со препродажба) да аплицира со идеја за продажба на реупотребена облека. Иако  повторната употреба на облека, дизајнерски колекции на рециклирана облека и сл., имаат силна зелена димензија, доколку овој субјект планира понатаму да продолжи да функционира со препродажба на увозна облека не би било логично да аплицира како носител на идејата поради контрадикторноста на вредностите. Секако, оваа идеја (ова сфатете го како наш обид за пример) би била прифатлива за натпреварот, но носителот, би било логично, да е друго правно лице.

Што е со ангажманот на лица/деца од улица, корисници на социјална помош, како законски да се вклопат во бизнис планот?
Запознаеме сме со општествениот контекст и свесни сме за предизвиците во делот на претприемничко работење со дел од ранливите групи. Наведете ги предизвиците во апликацијата за да се препознае локалниот импакт, вклучувањето на заедниците. Наведете ги финансиските проекции за вклучувањето на овие лица, бенефитите од вашиот зелен бизнис кој овие лица би ги имале. Во делот на законско работење, секако, во делот на имплементација, зелените бизнис имаат обврска да работат според утврдените начела и прописи, и свесни сме дека со слични предизвици се соочуваат многу (социјални)претпријатија. Од она што ние го имаме како информација, преку блиски консултации, размена на добри практики, но и заедничко лобирање до институциите овие аспекти се надминуваат и ве охрабруваме да се вмрежите и доистражите (уште во фаза на аплицирање) за можни законски решенија.

Кој гарантира дека идејата ќе остане само кај комисијата и кај АРНО, бидејќи често пати таа вреди многу повеќе од наградата?
Натпреварите за бизнис идеи се организираат со намера што повеќе луѓе и потенцијални поддржувачи да слушнат за вашата идеја и да добиете поддршка и промоција. Жири комисијата за нашиот натпревар е составена најмногу од претставници кои доаѓаат од донаторски агенции кои работат во сродни области и програми кои поддржуваат и кои понатаму би поддржале зелени бизниси.  Но, доколку сметате дека вашата идеја е оригинална и се плашите дека со нејзината промоција можете да си наштетите, слободно информирајте се како можете да ја заштитите идејата/продуктот (индустриска сопственост, интелектуална сопственост), заштитете ја -и аплицирајте.

Бизнис планот на фирмата што аплицира можеби не се совпаѓа со идејата – со каков бизнис план да аплицираме?
Фирмата има едни/заеднички финансии, при што зелената бизнис идеја би била само надополнување на постоечкиот бизнис, така, логично е, сите финансиски информации да се интегрирани во бизнис планот. Доколку аплицирате со постоечка фирма, наведете ги во финансискиот формулар сите релевантни информации за постоечкиот бизнис . На пример, киријата која веќе се плаќа од фирмата е секако трошок, трошок кој доколку не се покрива од наградата треба да се наведе дека е од други средства (сопствени средства, можеби од друг донатор и сл.). Со тоа што, секако во делот на буџет е видливо, колку средства се потребни и за што ќе се искористат во насока на остварување на зелената идеа.  Во делот на клучни индикатори треба да се видливи проекциите за продажба на вашите услуги/производи од зелената идеја.

Она што е важно да се нагласи е дека кога/доколку би ги добиле средствата од наградата потребно е да отворите посебна сметка  – подсметка, која ќе биде користена исклучиво за активностите/наменски буџетски линии од зелената бизнис идеа. Доколку сте навеле во буџетот дека сметководствените услуги се веќе покриени од постоечката фирма, тогаш не е дозволено исплаќање на средства по тој основ.

Во делот на сопствено учество можете да наведете дали тоа се однесува на пари или во вид на имот (недвижен и движен) или права (лиценци, франшиза, софтвер, заштитено име и слично)

Што е со НВО која работи како непрофитна?
Информирајте се дополнително за законските можности, вршење на економски активности како граѓанска организација. Оваа пракса е често присутна и охрабрувана (во отсуство на законска регулатива за социјално претприемништво), меѓутоа консултирајте се за можностите и недостатоците. Како граѓанска организација имате можност преку економска активност да генерирате профит, кој потоа мора да се искористи во целост за мисијата (зелената бизнис идеја)- да се реинвестира во наменски средства (не постои можност за повлекување дивиденда). Дополнително, овој профит остварен од комерцијални активности е подложен на оданочување, имајте го ова предвид во финансиските проекции.

Дали може да се покрие кирија со дел од средствата од грантот?
Да, може да се покрие кирија со средствата од грантот, и не постои никакво ограничување во однос на буџетирањето. Не постојат донаторски правила за процентуален праг за средства наменети за вработени, директни, индиректни трошоци и сл. Слободно приложете буџет во кој ги наведувате буџетските ставки кои ви се потребни за да вистински функционира вашата зелена бизнис идеја. * Внимавајте, финансиската слика треба да ја отсликува и зелената димензија (месечен трошок за бензин/набавка на пластични чаши за еднократна употреба може да е сигнал до жирито дека не ја разбирате суштината на зелените бизниси)

Кој треба да ја презентира идејата пред жири-комисијата, дали тоа може да го стори овластено лице во име на носителот на идејата?
Презентацијата на идејата пред жири комисијата може да ја прави лице од тимот, по ваш избор. Препорачуваме тоа да е лицето кое најмногу ја познава и „живее“ идејата.

Во почетокот, заради спецификата на он-лајн бизнисот, нема да имаме можност да исплаќаме плати. Може ли тоа да се опише во финансискиот план?
Секако, бидете искрени! Можеби, како совет, наведете го ова и во наративниот формулар, бидејќи секако жирито би се прашало која е мотивацијата и обврската/подготвеноста на тимот да гради бизнис кој во првата година бара про-боно ангажман.

Како се пресметуваат приходите кога веќе имаме регистрирана и функционална компанија т.е. кога зелениот бизнис ќе го вклопиме во рамките на веќе постоечката компанија?
Прикажете ги одделно, или интегрирано (во зависност од обемот на услуги/производи) проекциите и за постоечката фирма и за зелената бизнис идеја. Жирито мора да ја види поврзаноста, и во случајот на постоечката фирма да ја види и финансиската проекција за правниот субјект кој е носител.

Пишува дека годишниот профит не смее да надминува 10 000 евра. Дали се мисли на добивка или на промет, и за колку години назад? И дали истите услови важат без оглед дали станува збор за НВО, компанија или физичко лице?
Профитот се однесува на нето добивката. Прагот од 10 000 Евра ќе се гледа во билансот на успех за 2018-та година (во ставката Нето добивка на дното на извештајот – годишна сметка) кој треба да го доставите доколку аплицирате како фирма. Овој документ ќе се бара само за последната година. Идејата на конкурсот е да се поддржат мали компании и нови идеи/идеи во рана фаза на развој, па доколку станува збор за голема компанија која само последната година има остварено помала добивка, жирито веројатно тоа ќе го препознае и/или ќе постави дополнително барање за појаснување.

Доколку аплицирате како граѓанска организација, повторно, профитот=нето добивка не смее да биде поголем од 10 000 евра (граѓанските организации иако се непрофитни можат да вршат економски активности со понатамошна обврска тие средства да се реинвестираат во мисијата, тоа е профитот од економски активности кој не смее да биде поголем од 10 000 евра).Поради различните сметководствени пристапи во изработувањето на завршните сметки можно е да побараме дообјаснување, па дополнително ќе ве контактираме доколку аплицирате како НВО.

И една мала напомена, доколку аплицирате преку граѓанска организација, важно е мисијата на организацијата да е сродна со зелената бизнис идеја, и понатаму, доколку победите, да можете непречено да вршите претприемнички дејности (дополнително информирајте се за предностите/недостатоците на ова работење, на една од обуките имавме слично прашање (во отсуство и на законска рамка за социјално претприемништво), на пример и граѓанските организации кои вршат економски активности се обврзани да платат данок на добивка на средствата генерирани преку продажба).

Доколку аплицирате како физичко лице, треба само да обележите дека сте согласни да регистрирате правен субјект, нема потреба од приложување на документ (секако, во финансискиот план слободно наведете ги сопствените средства кои сакате/планирате да ги инвестирате)